До крајот на времето, или Лиза

„Уште една и толку“ ми навестува шанкерот. Кимам, а потоа земам голема голтка од шишето.

Заради природата на нивната работа, шанкерите имаат тенденција да знаат одредени работи за луѓето. За среќа, мултиуниверзумскиот колапс кој би ме донел до неа е концепт кој никогаш не би го разбрал. Знаете, имам една тајна да ви кажам. Сум живеел и сум видел многу, колку сите луѓе што оделе по земјава – заедно. Веројатно и повеќе од нив. Првпат тоа го забележав во раното детство. Колку чудна работа за дете, да ја имаш способноста да скокаш напред и назад. И настрана, исто. Всушност, ако размислиш, секој скок е скок настрана. Да бидам искрен, дури и сега ми е тешко да објаснам зошто е тоа така. Мојата фамилија ме сметаше за болен, асоцијален. Сепак, никогаш не пробав да ги разубедам. Избегав во ранливата тринаесетта година и никогаш не се вратив.

И еве ме сега, јас и брадестиот шанкер, подгрбавен од алкохолот, чекам. Како што тргам да ја платам сметката, таа влегува. Се разбира, ја препознавам. Сум ја видел бесконечно пати претходно. Елегантна како и секогаш, беспрекорно облечена. Тоа е таа, баш онаму на влезот. Влегува заедно со келав, забест дечко. Тој зборува без престан, но се гледа дека ѝ е ужасно досадно, па се одлучувам да интервенирам. Станувам, се обидувам да не се тетеравам и одам до неа.

„Ќе ти пречи ако те почестам пијачка?“ – прашувам, комплетно несигурен во себеси, колената ми се тресат. Таа блеска. Бранови од прекрасна црна коса се прекршуваат од нејзините раменици.

Го откачува кретенот и седнува до мене на шанкот. Шанкерот Мајк нѐ послужува со две пива. Пиеме во тишина, насмевнувајќи се еден на друг.

Работата е што јас знам што следи. Таа не.

„Морам да ти признаам нешто“ – ѝ кажувам.

Ги ококорува очите, во очекување. Сигурно милијарда момчиња и го кажале истово пред мене. Ти си најсовршеното суштество што сум го имам видено – мисли дека ќе ѝ речам. Немам видено толку убави очи претходно. Скоро е сигурна што ќе кажам следно. Сите варијанти ми поминуваат низ глава, но овој пат решавам да ѝ ја кажам вистината.

„Слушај Лиза“ – за краток момент се зачудува од каде ѝ го знам името, но ме остава да продолжам. „Верувала или не, ова го имам вежбано со години. Се имаме сретнато и претходно и ова го имам направено многу пати.“ Скоро да е спремна да стане и да отиде назад кај г-дин Келав. „Двајцата живееме во различна инстанца од нашиот универзумот, така е со сите; тоа што е интересно е дека нашите се преклопуваат точно во овој момент. Точно сега, кога се запознаваме. Сѐ уште не сум разбрал зошто, но тоа што знам е дека припаѓаме еден на друг. Фати ме за рака и препушти се. Верувај ми, и нашите две веројатносни равенки ќе колабираат заедно во една.“

Како што зборувам ми станува јасно колку брзо излетуваат зборовите од мојата уста. Ме гледа сомнително, како да сум лудиот бездомник од тротоарот на улицата.

„Мислам дека премногу имаш испиено“ ми кажува, станува, со доза на сожалување ме погалува по рамото и оди да ги завитка рацете околу кретенот на соседната маса.

„Ама не разбираш“ – довикувам додека нашата реалност почнува да се распаѓа – „веќе имаме поминато цел еден век заедно.“

Сѐ станува црно.

„И, беше совршено“ – му шепнувам на празниот простор.

Од никаде, делчиња од ништото се појавуваат и се местат назад во барска сцена. Шанкерот Мајк ми кажува нешто, но зборовите кои стигаат до мене се неразбирливи, лишени од значење. Јас седам на шанкот, го допивам последното пиво. Како што тргам да ја платам сметката, таа влегува.

Земам длабок здив и се припремам за тоа што следи, додека срцето ми трепери со надеж дека можеби овој пат нашите реалности ќе се спојат. Собирам храброст и одам да пробам да ја убедам.


Приказна на Дамјан Крстески http://monochromewish.blogspot.com/