Екстерно, со компромиси и неколку анегдоти

Два дена по масовниот студентски протест и еден ден по изјавата на министерот за образование, својот став го кажа и премиерот на Република Македонија. Видео веста од две минути и текстот може да ги најдете тука.

Еве кои работи ги приметив јас во неговата изјава.

1.

Прво, за тоа што не го кажа: за разлика од министерот вчера, не се обиде да ја наметне идејата дека СДСМ (или партија) стои позади протестот. Премиерот на луѓето кои протестираа им се обрати со студенти.

Да видиме како дојде до ова.

Прво, провладините медиуми го игнорираа протестот. Наспроти нив, малкуте слободни медиуми и голем број портали објавија фотографии, а на Time.mk до 16ч. дента веќе имаше кластер од 80-тина вести. Во очекување на стандардното етикетирање, Libertas.mk објавија одлично напишана пара-вест во која, меѓу другите, на слика го заокружија Kenny од South Park како „инфилтриран Американски агент.“

Кога по некое време излезе министерот со очекуваната реторика „не мислам дека се студенти тие што го организираат протестот“ само звучеше смешно и не допре до никого. Денеска премиерот не се ни обиде да го тврди истото.

Поентата ми е: некогаш за да манипулираш не е доволно да ги имаш купено повеќето медиуми. На пример кога има (релативно) масовни протести.

2.

Првата измена која премиерот ја споменува во неговата кратка изјава е оваа:

Така, тестирањето нема да важи за актуелните студенти,
туку за оние кои ќе се запишат на факултет од
следната акдемска година.

Резонирањето позади измената е дека до 2018-та година, кога ќе биде првото тестирање, институциите ќе имаат време да се подготват, технички и кадровски.

Јас би ја парафразирал изјавата:

Еј, студенти, вие што студирате сега – немате гајле. Вие терајте си, нема што да протестирате, вас екстерново не ве фаќа. Тоа што браќата и сестрите ќе бидат тестирани, ич да не му ја мислите.

Звучи како обид на сегашните студенти – како што сум јас и како тие кои ги видовме на улица – да им се одземе од иницијативата за протестирање.

3.

Понатаму во текстот, го пишува ова:

Нема да има санкации за професорите, и во случај
студентот да не го положи испитот, како што случај
со екстерното тестирање за основно и средно образование.

И ова:

Понатаму, според нашите информации, важна новина е што
на студентите кои нема да го положат испитот, нема да
им биде прекинато студирањето, туку ќе им биде дадена
можност да го полагаат колку што сакаат пати, но секој
нареден испит ќе го плаќаат поскапо.

Ќе ви ја раскажам приказната за Бобан.

Бобан беше студент кој безгрижно и среќно си ги поминуваше студентските денови не појавувајќи се на факултет. Колегите едвај да го познаваа. Сепак, на крајот на втората година, Бобан ги имаше исчистено сите предмети: со шестки, но сепак – имаше положено 20 испити на број.

Во текот на овие две години на Бобан му предаваа 15 професори (некои од нив држеа по два предмети). Секој од тие професори на Бобан му напиша шестка. Некои беа похрабри па му ставија седмица или осмица. Деталите зошто и како не ги знае никој.

Кога дојде денот Бобан да го полага екстерниот испит, Бобан – се разбира – падна. Без многу негодување, тој ја прифати одлуката и одново се запиша во втора. Денеска, десет години подоцна, Бобан сѐ уште студира, а татко му секоја година ги плаќа сѐ поскапите тестирања.

А, 15-те професори на Бобан, и тие продолжија како порано: сѐ уште предаваат и оценуваат, чесно, како што доликува на еден професор.

4.

Кога сме веќе кај измислени приказни, еве уште една:

Ѕидовите на читалната добро ја познаваат Алиса. Речиси секое попладне од учебната година, Алиса поминува по неколку часа наведната над клупата и го прави она што студентите (кога не се пијани) го прават: учи.

Алиса студира на приватен факултет. Разочарана од бирократијата која ја искуси во средно, Алиса беше решена никогаш веќе да не се запише во државна образовна институција. Нејзините стегнаа заби и собраа пари, ја поддржаа во намерата.

По првиот семестар, Алиса почна да си ја оспорува одлуката. Факултетот на кој се запиша беше прилично нов, а неговиот сопственик имаше историја која ги допираше сите области, освен академската. На факултетот предаваа шака професори и секој од нив предаваше 10 предмети. Критериумите за положување беа ужасно ниски: Алиса учеше 5% од тоа што нејзините колешки на Електро го учеа, но таа не беше свесна за тоа, а кога ѝ укажуваа на тоа, мислеше дека претеруваат.

Кога конечно ѝ го поделија тестот на Алиса, не ѝ остануваше многу освен да се препотува и да го предаде тестот едвај до пола решен.

Алиса веќе не е студент. Нејзините немаа пари да ѝ платат уште една година и уште едно – сега поскапо – тестирање.

Факултетот и неговиот сопственик уште се крпат некако, ги нема стигнато лошиот збор.

А Бобан? Океј му е него.